02-12-2019

Над 6 000 посетители на првите четири вечери од Таксират

Почетокот на Таксират, традиционално стартува со ПИН, првата и единствена меѓународна музичка и шоукејс конференција којa се одржува кај нас, со најмасовна и најиновативна програма во регионот.

ПИН и годинава беше домаќин на повеќе од 200 значајни, актуелни гости, претставници на најголемите европски фестивали, промотори, музички агенти, менаџери, медиуми и професионалци во областа на креативната уметност, од повеќе од 25 земји од светот.

ПОВЕЌЕ ОД 200 ГОСТИ И ДЕЛЕГАТИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ!

Во тридневна панел програма се презентираа и дискутираа актуелните теми од музичкиот бизнис, се разменија нови сознанија и искуства, но се опфатија и теми кои ја засегаат денешната младината и ѝ даваат поттик да го каже своето мислење, како важен отпор на современото општество.

Таков беше примерот со македонскиот панел „Излажи ме!“, каде се судрија реалните желби на независните иницијативи со крутите формални институции.

Имавме шанса од прва рака да го прашаме градоначалникот на Скопје за инвестирањето во културата, реставрацијата на локали и простори за творење, но и до каде е промоција на градот како европски урбан центар. Заклучокот од дискусијата можете сами да го изведете од снимката на овој линк.

На останатите панели и работилници, се отворија и темите за букинг, дигитална промоција, современиот евент менаџмент. Сите заинтересирани можат истите да ги погледнат на нашата официјална Фејсбук страница.ПИН и годинава имаше одлична филмска програма.

Петте филма беа уште една визуелна додадена вредност во славењето на музиката: „Ќеиф“, филмот за македонската традиција на чалгијата, „Мизар – ѕвезда на надежта“ за нивниот пат од гаражен бенд до култни ѕвезди, „Ден да се биде среќен“ – документарец за скопската супер група Културно уметнички работници , „Градот не препознава херои“ за алтернативниот бенд Милко, и животната приказна за легендарниот лидер Туста од Пула, таткото на КУД Идијоти.

На тридневниот музички маратон, настапија 30 музичари од 17 земји од светот, а за прв пат нè посетија и артисти од Израел, Чиле и Аргентина.

На 5 бини, во МКЦ, имавме шанса да ги чуеме најпотенцијалните музички изведувачи од цела Европа, да откриеме нови таленти, но и да се забавуваме со добро познати артисти кои творат со децении.

Како што очекувавме, Funk Shui го преполни МКЦ со насмеани луѓе, кои ги пееја нивните песни и направија вечерта да биде посебно доживување за сите нас. Покрај нив, настапија и Сашко Костов, Machine de Beauvoir, RadioSlam, MAiKA, Ljubičice, SuRealistas, Elektro Hafız, Frank’s White Canvas, Comminor, BACK to BASS, Lionshine, DJ L.T. & Michael Pfeifer.

Денсинг Салата за концертот на Смат беше претесна, а истовремено и прегласна од восхитот на публиката. Поради релокација на еден од членовите на бендот, ова беше нивен последен настан во блиска иднина. Освен тоа, никој не остана рамнодушен ниту на останатите млади музички виртуози од Европа и од домашната сцена: The Magnettes, Ette Enaka, The Hypnotunez, MAZ, YUKO, Zulu 3.4., Gute Gute, Kukla, Oscar, Soul Experience, Theodore, Shajzerbiterlemon, Oscar Mic, AhmetJah & Dr. Lokmann.

Сè уште под импресии, и гостите и учесниците, едногласно потврдија дека ова е најуспешното издание на ПИН досега.