13-11-2019

Ска-панк бандата, СУПЕРХИКС која четвртина век ја размрдува домашната сцена и којa во 2012 година го прослави своето полнолетство на Таксират на 7-ми декември ја пречекуваме на главната вечер на Таксират Фестивал #21!

Овој шестчлен бенд, своето постоење го започнува на почетокот од 90-тите и е формиран од страна на тројца средношколски пријатели: Петар Младеновски, Борис Минов и Зоран Жежов. Комбинацијата од ска, панк и хардкор се почетоците од музичката одисеја на СУПЕРХИКС, кој во моментот е надополнет со тенор саксофон, труба и флигел хорна.

Бендот до сега ја има делено сцената со светски музички имиња, како што се: Faith No More, Ману Чао, Радио Бемба, Fun Lovin Criminals, Fishbone, Tito and Tarantula, Хенри Ролинс, H-Block, Рико Родригез и уште многу други.

Во 2000 година го објавуваат првиот студиски албум, насловен како „Чекај бе, викам…“ во издание на „Литиум Рекордс“ и нивниот карактеристичен звук со балкански битови ќе го привлече вниманието на публиката и ќе добијат поддршка од ТВ и радио станици низ целата земја. А, видео записот за нивниот трет сингл „Раде“ беше прикажан на MTV France и MTV Israel и на други европски канали што им овозможи интернационално внимание, по што следуваа бројни компилации: „Ska Generation” (BRP Records), „I Woke up in motion” (H.O.P.S. Contact Recs.), „Ska Factor Positive, (Ohoho Records) и многу други.

Приказната за СУПЕРХИКС продолжува со издавање на нивниот долгоочекуван албум „Трумано“, кој во првите месеци е распродаден во 25 000 примероци, а 4 синглови од последниот албум „згрмуваат“ на сите радио и ТВ канали во Македонија, но и на Балканот. Во 2004 година следува европска турнеја на бендот што завршува со спектакуларен концерт во Скопје, свирејќи пред 5 000 луѓе.

Година дена подоцна, СУПЕРХИКС го издаваат третиот албум „Live in Skopje“, објавен во 35 000 копии, кои се продадени за помалку од 7 дена. Нивниот успех се надополнува со тоа што три пати бендот бил прогласен за најдобар македонски бенд, а во 2004 година нивниот концерт на Скопски саем беше награден за најдобар рок-концерт во 2004 година во Македонија.

Студиските албуми „И сега што“ (2008), „Африка“ (2012) и „Underground Evergreens“ (2017) следуваат во наредните години и го издигнуваат бендот на едно повисоко рамниште. За сите оние кои уживаат во ска-панк, СУПЕРХИКС претставува поим за квалитетен бенд и музика што ја размрдува целата публика.

Затоа отворете го умот кон музиката на СУПЕРХИКС и вашето тело нека го следи нивниот ритам на настапот на Таксират.