15-09-2022

По двата распордадени концерти на „Dead Can Dance“ во Скопје, програмата на 24-то издание на ТАКСИРАТ продолжува со третиот веќе целосно распродаден концерт: Ману Чао Акустик во МКЦ.

А наскоро ќе бидат објавени уште многу нови изведувачи и настани во рамките на ТАКСИРАТ Фестивал.

Овој пат со најинтимните концерти во својата кариера, Ману Чао заедно со гитаристот Лусијано Едуардо Фалико и долгогодишниот музички партнер, перкусионистот Филип Тебул, пред својата публика во Скопје ќе настапи во акустична постава. Имено, уште од неговиот прв настап во Македонија кој се одржа во 2002 година, остана запаметен како еден од најдобрите што ги има видено македонската публика. Од тој посебен момент Ману Чао важи за другар на Таксират, на Скопје и Македонија, а секое негово навраќање кај нас носи обострана неизмерна радост, како што впрочем и самиот напиша во најавата за овој концерт.

Од основањето на славната група „Мано Негра“ во 1987 година до денес, Ману Чао е уметникот кој ги наполни дури и најголемите стадиони ширум светот, продаде милиони албуми и сними безброј хитови кои се искачија на врвот на топ листите, особено во земјите од Европа и Латинска Америка, како што се „Clandestino“, „Bongo Bong“, „Me Gustas Tu“, „Mala Vida“ и многу други. Во својата музика тој спојува различни култури и влијанија, панк, рок, ска, реге, салса и традиционални песни во кои го пренесува пркосот кон предизвиците на денешниот свет; од имиграција до консумеризам и глобализација.

©Фото: KLELIA RENESI