12-10-2018

ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ во рамки на програмата на јубилејното 20-то издание, има чест да го најави и самостојниот концерт на КИБОРГ, култното име на македонската сајбер-панк музичка сцена кое во музичката архива се запишува и како првиот индустријал бенд во Македонија! По 20 години пауза КИБОРГ се вратија на сцена минатата година со одличниот концерт на ПИН музичката конференција, кој воедно беше и еден од најпосетените од 30-те концерти кои се одржаа на ПИН. По ланскиот успех, КИБОРГ сега се повторно во атак со нивниот моќен аудио-визуелен концепт на извонреден сајбер-панк звук, овој пат со самостоен концерт на 6-ти декември во Младинскиот Културен Центар во Скопје!

Како бенд КИБОРГ започнува со работа кон крајот на минатиот век – летото ’95 во Скопје. Многу луѓе минуваат низ бендот, но поради раната фаза на трансплантација, се појавија проблеми со инфекции, отфрлање на делови и силни воспаленија. По многу жртви, конечната постава беше дефинирана. Направија неколку свирки, фестивали и се разбира, последнато шоу во ’96 со „Young Gods“, кое им обезбеди место во музичката историја. Во 1996 година издаваат лимитирана касета со 6 песни. По две децении, истите членови повторно се собраат за да продолжат со својот изворен CyberPunk, да проповедаат малку и се забавуваат …

КИБОРГ се: Дарко Јаневски – вокал, Перо Стефановски – гитара, Горан Атанасов – тапани, Влад Каевски – клавијатури.

Билетите за концертот на КИБОРГ се веќе пуштени во претпродажбаонлајн и во сите продажни места на МкТикетс, со цена од 200 денари. На денот на концертот, нивната цена ќе биде 300 денари.