10-11-2019

ЛУЗЕР ФЕСТ веќе 10 години е вечер посветена на демо артисти и изведувачи од сите жанрови.

Годинава, од 40 пристигнати материјали, ПАСВОРД селектираше 8 млади артисти кои ќе настапат во живо: ЅРЕТИ, MISANTHROPE, WARDENCLYFFE, CUT YOUR NIPPLE, INNER HATE, ХАЈКА, ORANGE GROOVE и ШЕС ЧАШИ СВЕШ ШВЕПС. Победникот го избира публиката во единствена демократска атмосфера и гласање, кои не може да се „фејкуваат“. Има и тајно жири, кое само помага со своето искуство да победи најдобриот.

Наградата за место број 1 e снимање на својот прв студиски албум, објавен од страна на „Пасворд Продакшн“.

Вратите за посетителите ќе се отворат во 20 часот, а програмата започнува во 20:30 часот. Билети по цена од 100 денари можат да се купат на врата, пред почеток на настанот. Самата карта е и гласачко ливче на кое можете да го заокружите својот фаворит, а гласачката кутија ќе ја побарате во фоајето на МКЦ.

Лузер Фест“, традиционален предвесник на финалната вечер на „Таксират“ е закажана на 6-ТИ ДЕКЕМВРИ во МКЦ.

ЅРЕТИ е македонски бенд создаден во јуни 2018 година, а го сочинуваат Сања Јакимова (вокал), Владимир Владимиров (гитара), Бојан Јанков (бас), Давид Стојкоски (клавијатури) и Ерик Омерагиќ (тапани). Од спонтано тридневно творење во Прага, произлегува и нивното прво ЕП издание „„Слатки, мали музики“ со трите синглови: „Планини“, „Ветар“ и „О, слободи“.

MISANTHROPE е бенд од Битола, формиран во 2016 година. На почетокот, свиреле песни од други метал бендови, но желбата да почнат да создаваат нешто свое ги мотивирало да работат на авторски материјал. Во моментот работат на својот деби-албум.

WARDENCLYFFE е психоделик-прогресив трио, формирано пред година дена во Куманово. Бендот го сочинуваат: Немања Златановски (гитара), Давид Трајковски (тапани) и Павел Костадиновиќ (гитара).

CUT YOUR NIPPLE е тричлен бенд, формиран во 2018 година и свират P-Funk Rock. Составен е од Марко Печеновиќ (бас гитара и вокал), Павел Кузмановски (гитара) и Теодор Јаневски (тапани).
INNER HATE e бенд од Кичево, кој постои од 2017 година и во моментот се подготвуваат за снимање на нивниот прв студиски албум.

ХАЈКА е бенд кој постои од оваа година и го сочинуваат Теодор Атанасовски, Александар Атанасовски, Бојан Таневски и Филип Лафазановски.

ORANGE GROOVE е музичка експеримент и фузија на хип-хоп и трип-хоп со примеси на амбиентална музика и електроника.

ШЕС ЧАШИ СВЕШ ШВЕПС е неодамна формиран бенд, кој свири експериментален фанк. Неговите членови се: Виктор Стојановски (тапани), Раде Биковски (сајзер), Андреј Димовски (соло гитара), Лука Јованоски (гитара), Александар Мораитов (бас гитара) и Марко Печеновиќ (вокал).