24-11-2021

Фамозниот маестро BORIS BREJCHA конечно пристигнува кај нас и тоа на главната бина на најголемиот зимски музички фестивал во регионов, скопскиот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ! Суперѕвездата на новата генерација, големиот мајстор кој создаде свој звук и со вртоглав подем на самиот врв на светската сцена дочека неговиот „high-tech minimal“ да биде еден од најпопуларните правци на денешницата, на 7 декември за прв пат ќе настапи во Македонија, во Арена Борис Трајковски во Скопје. Неговиот настап како предводник на главната вечер на Таксират доаѓа во моментот кога тој е поголем од било кога и речиси веднаш по објавувањето на неговиот нов, јубилеен 10-ти албум. Од електронската музичка сцена, заедно со Boris Brejcha ни пристигнува и неговата долгогодишна соработничка во нивната заедничка етикета „Fckng Serious“, харизматичната ANN CLUE позната по своите непредвидливи сетови кои со посебна енергија ги освојува подиумите низ целата планета.

Од регионалната музичка сцена пак, својот настап на Таксират први го потврдија неунштливите рок-легенди ПАРТИБРЕЈКЕРС – еден од највлијателните и најистрајни бендови на балканската рок-сцена познати по уникатниот спој на панк-енергија, блузерска душа и гараж-став со кој речиси точно 40 години воодушевуваат испорачувајќи моќен звук на секогаш искрените настапи. Не помалку легендарно име ни доаѓа и од домашната сцена, условно кажано домаќинот на главната бина на Таксират, а тоа е САНАТОРИУМ – најзначајната македонска треш-метал група и веќе култно име кое три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена. На ТАКСИРАТ гостуваат и актуелните изведувачи кои штотуку ги освојуваат врвовите на музичка сцена во целиот регион, а од таа листа во програмата за годинашното издание прв се запишува Z++ eдно од најперспективните хрватски музички имиња кое доаѓа како хит од осиечката трап сцена, но маестрално надминувајќи ги рамките на стилот. Или како што го нарекува критиката – волшебникот кој сѐ прави сам: музика, текст, продукција, микс и мастеринг, и тоа со врвен квалитет својствен само за најдобрите. И тоа не е сѐ, листата со музички изведувачи на ТАКСИРАТ секојдневно се надополнува.