Отворениот конкурс на „Лузер Фест“ за пријава на демо изведувачи заврши, од безброј апликации на млади таленти селекцијата на финалистите е направена! Ги имаме имињата на групите кои ќе се натпреваруваат на 3 декември со почеток од 20 часот во Младински Културен Центар – Скопје!
Во конкуренција да бидат најдобриот, имаме осум бенда кои ни се придружуваат од повеќе краеви од Македонија, и тоа „БЕСЕДА“ од Куманово, метал група која создава моќен звук што ги пробива човечките емоционални граници, „ХАЛФГАД“ (HALFGOD) од Кичево, кои не можат да го одредат својот звук и го опишуваат едноставно како „халфгад“, „ЕНДЕМСКИ ВИД“ од Кавадарци, прераснати од кавер група до авторски бенд, панк-рокерите од Велес „Оловна Рестрикција“, „Џеф Бахами“ (Jeff Bahami) од Битола музика на „професор“ по роботика и неговите хуманоиди, како и три групи од главниот град хеви-метал бендот „Растејнд“ (Ruststained), „МЕНЗЕЛ“ (MENZEL) алтернативна рок група на студенти кои се наоѓаат според заедничкиот интерес кон уметноста и „ХАРАКИРИ“ проект на музичари од разни бендови кои прават обид да го освежат концептот на рок трио.
Публиката и жирито, кое ќе биде непосредно објавено пред концертот, се оние кои ќе ни го откријат победникот, и тоа со тајно гласање на вечерта на настанот. Имено, билетот по цена од 100 денари воедно ќе важи за гласачко ливче, на кое со заокружување на својот омилен изведувач ќе го одредиме најдобриот.
Речиси 20 години традиционалниот предвесник на главната вечер на „Таксират Фестивал“, го става фокусот на младите нови музичари, поттикнувајќи ги да ги покажат своите таленти и можност да продолжат да ја градат својата музичка кариера професионално. Со таа причина, како и досега, за најдобриот следува награда – снимање и издавање на студиски албум во професионално студио, под етикетата на „Пасворд Продакшн“.
Им посакуваме среќа на осумте финалисти, ве повикуваме да ги поддржиме најмладите на домашната алтернативна сцена и заедно да го избереме победникот на ЛУЗЕР ФЕСТ!