29-11-2018 - 01-12-2018

Младински Културен Центар

Во одбележувањето на големиот јубилеј на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кој годинава го прославува своето 20-то издание нѐ очекува и новото издание на ПИН музичката конференција! Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал годинава ќе се одржи по петти пат, од 29-ти ноември до 1-ви декември, а токму со овој настан во Младинскиот Културен Центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“!

ПИН, како еден од најзначајните проекти во кој ТАКСИРАТ и Пасворд Продакшн го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси, е настан кој во државава ги собира сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји.

ПОВЕЌЕ ОД 100 ГОВОРНИЦИ И ДЕЛЕГАТИ ОД ЦЕЛА ЕВРОПА!
Конференцијата и годинава ќе пречека стотина значајни, актуелни гости и музички дејци од цела Европа, претставници на најголемите европски фестивали, музичари, промотори, музички агенти, менаџери, новинари и професионалци во областа на музичката и културната промоција. Со извонредно богата програма, ПИН конференцијата ги става во фокусот темите поврзани со македонската и европската музичка сцена, музичката продукција, алтернативната култура, поврзаноста на музиката и политиката, авторските права, „направи сам“ пристапот, фестивалите, медиумите, трендовите од областа. И сето тоа со цел, конечно да внесеме свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да ги здружиме сите засегнати страни, оние кои сакаат да бидат дел од неа и оние кои знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да помогнеме во размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓето кои својот животен повик го откриваат во музиката и уметноста.

И веројатно најважно за посетителитецелосната програма на ПИН музичката конференција и оваа година ќе се одржува со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ, но поради ограничениот капацитет, со задолжителна претходна регистрација на овој линк: https://pinconference.mk/register/

ПОВЕЌЕ ОД 20 МУЗИЧКИ КОНЦЕРТИ!
Во фестивалскиот дел пак, односно музичката шоукејс програма која се одвива во вечерните часови, ПИН во исклучително квалитетна селекција пред македонската публика ќе ги претстави концертите на повеќе од 20 музички изведувачи од Македонија и Европа, а веќе се потврдени настапите на голем дел од музичките гости.

Регистрирајте го вашето учество на ПИН 2018 што поскоро и во меѓувреме за сите информации и деталите од програмата, следете ја официјалната страница: www.pinconference.mk