02-11-2017

За претстојното доделување на најпрестижните Европски Фестивалски Награди, музичките фестивали во организација на „Пасворд Продакшн“, ТАКСИРАТ и Д ФЕСТИВАЛ се закитија со три номинации и влегуваат во трката за најзначајната фестивалска титула во Европа! Ова е деветта номинација меѓу најдобрите европски фестивали за скопскиот ТАКСИРАТ и тоа во две категории, за „Најдобар мал фестивал“ (BEST SMALL FESTIVAL – до 10.000 посетители дневно) и за „Најдобар фестивал во затворен простор“ (BEST INDOOR FESTIVAL). За Д ФЕСТИВАЛ пак, единствениот летен open-air фестивал во Македонија, ова е трета номинација по ред, а по своето рекордно издание годинава влегува во нова, повисока категорија, за „Најдобар фестивал до 40.000 посетители“ (BEST MEDIUM-SIZED FESTIVAL).

Гласањето за Европските Фестивалски Награди веќе започна и ќе трае до 30-ти ноември, а се спроведува НА ОВОЈ ЛИНК, со избор на вашите фаворити за секоја од категориите. Сите кои ќе гласаат во овој период, воедно учествуваат во наградната игра со која можат да освојат влезници за најдобрите фестивали во Европа.

Прогласувањето на победниците ќе се одржи на 17-ти јануари 2018, на свечената церемонија за отворањето на фестивалот и музичката конференција Eurosonic Noorderslag во Гронинген во Холандија. За победниците во секоја од категориите, се одлучува според гласовите од публиката, но и стручното жири кое го сочинуваат истакнати личности од светската музичка индустрија.

Токму според овие гласови, во трката за најпрестижните фестивалски титули, Таксират Фестивал минатата година се најде дури и во најтесниот избор на 10 најдобри фестивали во Европа кои се одржуваат во затворен простор. Покрај Европските Фестивалски Награди, заедно со Д ФЕСТИВАЛ, двата наши фестивали годинава беа номинирани и за Британските Фестивалски Награди (UK Festival Awards), во категоријата за најдобри фестивали кои се одржуваат надвор од границите на Обединетото Кралство.