02-03-2018

Синоќа ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ го отвори своето 20-то издание со фантастичен настап на живите легенди на светската музичка сцена КРАФТВЕРК, на кој околу 6000 посетители во арената „Борис Трајковски“ присуствуваа на историски концерт, на првиот 3-Д концерт во Македонија.

Германските пионери на електронската музика одржаа беспрекорен концерт кој звучеше и изгледаше фасцинантно, со неверојатно прецизни и јасни звучни пејсажи кои цели два часа ја исполнуваа концертната арена. Прецизноста на Крафтверк имено се потврди и со почетокот на концертот, до минута точно во 20:30 часот, кој го започнаа со песната „Numbers“, а вечерта имавме прилика да ги чуеме култните хитови од сите албуми во нивната кариера, како Computer World, Computer Love, Das Model, Neon Lights, Autobahn, Radioactivity, Tour De France, Trans Europe Express, Boing Boom Tschak и други. Изведбата на секоја песна беше надополнета со 3-Д анимации и видеа кои се прикажуваа на големиот, 12 метри широк, видео екран поставен зад бендот. Од овој, визуелниот дел од шоуто најголемо восхитување кај публиката предизвика видео-проекцијата за време на песната „Space Lab“ во која беше прикажана и снимка од вселенски брод со бендот кој слета пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје и секако песната „The Robots“ со која на сцената наместо членовите на бендот ги гледавме славните Kraftwerk „роботи“ кои пак во 3-Д анимацијата се чинеше дека се движат низ целата арена.

Восхитува фактот дека четворицата генијални музичари кои вчера застанаа на импозантната сцена во арената „Борис Трајковски“, приредија едно од најдобрите концертни шоуа кои сме ги виделе досега, а при тоа со сите движења на сцената сведени на апсолутен минимум во контекст на нивното концептуално претставување како „роботи“. Вчера сите посетители во арената добиваа брендирани 3-Д очила кои потоа ги зачуваа како сувенир од концертот, но со самото присуството на овој концерт сите понесовме нешто бесценето, сите зачувавме и станавме дел од уште еден музички исклучително несекојдневен настан кај нас, кој ќе се памети и раскажува уште многу долго.

КРАФТВЕРК е несомнено највлијателниот и најзначајниот бенд кој досега настапил во Скопје! Со речиси 50 години постоење, ова е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско! Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината КРАФТВЕРК ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век и важи за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.

Некои пак велат дека нивната музика и сѐ уште е пред своето време. Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-Д концертите на КРАФТВЕРК претставуваат вистински „Gesamtkunstwerk“ – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините, а такво тотално уметничко дело синоќа сведочевме во Скопје!

Со концертот на КРАФТВЕРК, ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ ја започна својата 20-та епизода. Оваа година, со одбележувањето на дведеценискиот јубилеј на Таксират во Скопје нѐ очекуваат уште многу концертни гостувања на значајни имиња од светската сцена, кои ќе се одвиваат во текот на целата година. Следен таков во низата настани со кои Таксират слави 20 години алтернатива во Македонија, е концертот на ЛАЈБАХ на 27-ми март во Младински Културен Центар во Скопје.