Годинашното 23-то издание на ТАКСИРАТ започнува во четврток на 25 ноември и тоа со импозантно издание на меѓународната ПИН музичка конференција чија извонредно богата програма и годинава се одвива со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители. Во рамки на оваа тридневна програма, од 25 до 27 ноември ТАКСИРАТ во Скопје ќе биде домаќин на: 30 концерти, повеќе од 100 музичари, 200 делегати и гости од над 30 различни земји од светот кои ќе учествуваат и како говорници и водители на бројни панел-дискусии, предавања и работилници за најактуелните теми во музичката индустрија. ПИН ќе се одржува во МКЦ – Скопје, а програмата е поделена во два сегмента: концерти во вечерните часови и дневна, конференциска програма. Концертите на ПИН ќе се одржуваат со бесплатен влез за сите посетители, додека пак конференциската програма е исто така бесплатна, но сите заинтересирани за присуство на панел-дискусиите, потребно е претходно да се регистрираат преку овој линк: https://pinconference.mk/register-for-conference/ .
Сите информации и детали за програмата, распоредот и учесниците на ПИН 2021 се објавени на официјалната интернет страница за конференцијата: https://pinconference.mk/ .
ПИН музичката конференција е организирана со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.