22-09-2022

„Hladno Pivo“, еден од најважните панк-рок бендови во регионот, прославуваат 35 години од нивното постоење со серија на 35 концерти во последна турнеја пред долга концертна пауза. Скопје ја има честа да биде дел од оваа турнеја со концерт на 9ти октомври, од 20:00 часот во Младински Културен Центар.

Оваа турнеја е комбинацијата од големи солистички концерти, фестивали и клупски свирки низ регионот и во странство на која бендот ќе ги отсвири најголемите хитови од сите фази на својата кариера. Низ 35 импресивни години „Hladno Pivo“ се обележани со песни од некои од нивните најпопуларни албуми како што се култното деби „Džinovski“, „G.A.D.“, „Desetka“, „Knjiga žalbe“, „Svijet glamura“…

Кога го одржаа својот прв концерт во Кумровец во мај 1988 година, малкумина можеа да претпостават дека „Hladno Pivo“ ќе стане еден од најголемите и најважните хрватски бендови или дека ќе трае импресивни 35 години. Низ сето ова време, бендот од Гајнице успеа да го турне панк рокот на врвот на топ листите, да ја промени музичката историја и да го запечати андерграунд звукот во целиот регион.