07-10-2019

За две недели во Скопје доаѓа еден од најголемите музички револуционери, човек, често нарекуван антиглобалист и борец за човечки права, а во моментот се смета за еден од најважните гласови во светот на музиката, Ману Чао. Со својот музички проект El Chapulín Solo на 24-ти октомври ќе настапи во Младински Културен Центар, заедно со Лучано Фалико – гитара и Мауро Манчебо – бонго. Во акустична верзија пред македонската публика ќе ги изведат своите најголеми хитови: Seeds of Freedom, La Vida Tombola, Sibérie, Mala Vida.

Ману Чао зад себе има богата музичка кариера, а големо влијание врз него имала британската рок и панк сцена, посебно бендови како „The Clash“, „The Jam“ и „Dr. Feelgood“. Својата прва група „Hot Pants“ ја основал во 1980 година, а во 1987 година се појавил легендарниот бенд „Mano Negra“. За кратко време бендот ја освоил публиката и станал популарен, посебно во Јужна Америка и Европа. По распаѓање во групата во 1995 година, Ману својата кариера ја продолжил самостојно, пеејќи за љубовта, животот во гето, слободата на мислење и живеење и истовремено ја пренесува неодоливата мешавина од сентиментална мелодија со брз ритам.

Настапот е со ограничен број од 800 луѓе, а билетите по промотивна цена од 600 денари веќе се пуштени во продажната мрежа на MkTickets и може да ги купите тука.

Во склоп на неговата мини турнеја, El Chapulín Solo освен во Скопје, ќе настапи и во Бања Лука, Софија и Ниш.