03-12-2019

Оваа година го исфрливме синглот МОДЕРНА ЉУБОВ, а деновиве ќе излезе најновиот со наслов АНА и еден супер спот за истиот (со проверената екипа со која ги снимивме и ГЛУПАВИ ПЕСНИ, ЗНАМ ДЕКА ЉУБИ, ТИ ТРЕБА НЕКОЈ итн.), кој го снимивме пред една недела“, споделува Пеце од Суперхикс, кој заедно со бендот се подготвуваат на 7-ми декември да настапат на главната вечер на Таксират 21.

Историјата на Суперхикс и „Таксират“ е испреплетена. Многупати свиревте на фестивалот, дури таму го прославивте и полнолетството на бендот. Која е вашата прва асоцијација за Таксират?

Прва асоцијација на Таксират ми е слика од Логин во карираните панталони, мртов уморен во еден скопски локал по одржувањето на првиот Таксират додека неговата идна сопруга Сандра (неуморно) игра околу него. 🙂 Инаку да! Историјата е испреплетена и најмногу ќе го паметиме по оној (најголем) соло концерт по повод полнолетството на Хикси, кој беше во таа Таксиратска недела 2012-та година. И по дружбите со „таксиратлиите“. Fun Lovin Criminals, Marky Ramone, The Roots, Roy Paci итн…

Вие сте идоли на многу генерации, но кои се вашите? Кои музичари ве инспирираа на почетокот на кариерата, а кои денес?

Уф, долга листа. Од Рамоунс до Мајти Бостонс, DInosaur JR, Badtown Boys, Mano Negra, King Chango, Pantera, Smashing Pumpkins, Bob Marley… Не знам кој точно ги инспирира овие денови останатите членови на Бандава, ама јас ги открив овие претходни неколку недели Boy Pablo, White Reaper, FUR, SOJA, Michael Kiwanuka. Тука се и Babylove And the Van Dangos, Pepper, Manic Street Preachers и локалните херои SMUT, Сашко Костов, Mooger Fooger, Zulu 3.4, Station Innermost…

Кога прв пат Суперхикс замина на турнеја и дали може да одвоите еден најинтересен момент кој и денес го прераскажувате?

Ако добро паметам, (а ме сметаат за архивар во Хикси хаха) тоа беше 2002-рата. Почнавме од КСЕТ во Загреб, па турнеи низ Словенија, Хрватска, Романија, Чешка, Унгарија, Франција, Швајцарија, Германија… На една случка често се потсетуваме и многу ни е јака:))) Возиме од Базел до Прага (некои 1 200 км) за да стасаме рано утрото и поспиеме во Прага некој час, па директ на тонска и на закажан концерт. Стигнуваме во 6 АМ во Прага, а пред комбе не дочекува нашиот тогашен тамошен букер Борек со зборовите „Guys, I am very sorry to tell this but I made a mistake. Тhe gig was yesterday“. Поспавме час-два во собите додека не нè растераа и директ накај Скопје. Тотално лудило!

Мислите ли дека интернетот денеска им дава шанса на артистите кои инаку не би ја добиле?

Колку денес интернетот дава шанса, толку истиот ја убива и желбата која ние сме ја имале како клинци за откривање и „голтање“ музика од разноразни бендови. Некако во тоа море од информации, бендови, артисти сè се разводни. За жал денес царува повеќе сензационализмот, кичот, глупоста на сметка на квалитетот.

D Festival 2019! (14.07)

D Festival 2019! (14.07) Big big THANKS to all of you!! SUPERHIKS – 25!!!

Gepostet von Superhiks am Montag, 15. Juli 2019

 

Денес на нашата Фејсбук страна објавивме листа на најслушани песни на YouTube, во Македонија, за изминатата недела. Вашето мислење за тоа?

Па веќе кажав и погоре. Сè се сведува на стихот на легендите КУД ИДИЈОТИ „Глупост је неуништива“ а мислам дека глупоста станува сè попопуларна под диктат и управување на мас-медиумите, ТВ-ата, локалните „уредници“, нефукционалното образование и систем воопшто, изместени „вредности“. Па еден наш музичар тврди дека турбо-фолкот е авангарда и уметност. Што повеќе да се каже. Со години се борам и зборувам против оваа проблематика ама веќе станувам уморен.

Кој е кој е најзабавен, кој е најодговорен, а кој е најголем хедонист во бендот?

Најзабавен – сите на свој начин. Најодговорен – веројатно јас, Боки и Дарко. Најголем хедонист – Симе Златков, посебно кога станува збор за храната:)))

Којa е најинтересната или најчудната ситуација што сте ја имале со вашите фанови?

Еднаш еден фан на настап во Неготино на нашиот гитарист Борче му искина неколку жици на сред песна. Не знам дали од љубов или од мака, ама малку фалеше да добие ќотек од цел бенд. За среќа реагираа од обезбедувањето…

Ако утре ве уапсат, што прво би помислиле вашите најблиски дека е причината за тоа?

Па ние бевме приведени во далечната 1994-та, па со марица во станица тројцата (тогаш бевме трио), нè испрашуваа неколку часа некакви глупости во станицата во Карпош и не пуштија. Скроз без врска. Не знам денес за секого посебно може да има посебна причина. Еве за мене лично може да дојде до такво нешто само ако реагирам на некаква неправда, а тоа не е редок случај во земјата на „правдата“. Да реагираш на неправда, а да бидеш приведен 🙂

Кој е најдосадниот суперхерој?

Македонскиот политичар. Би рекол повеќе – антихерој, 30 години истото. Досадно. Па Суперхикс името го добија инспирирани и од нив.

Кога да очекуваме нов албум?

Ќе помине сигурно година-две. Оваа година го исфрливме синглот МОДЕРНА ЉУБОВ, а деновиве ќе излезе најновиот со наслов АНА и еден супер спот за истиот (со проверената екипа со која ги снимивме и ГЛУПАВИ ПЕСНИ, ЗНАМ ДЕКА ЉУБИ, ТИ ТРЕБА НЕКОЈ итн.), кој го снимивме пред една недела. Одиме понатаму во годината на одбележување на први 25, а и по тоа! 🙂