Monty Python’s SPAMALOT

Локација: Македонска Опера и Балет, Скопје

Датум: 27,28,29 Ноември 2016
Почеток:
20:00 ч.

Монти Пајтоновиот „Спамалот“, музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ и еден од најпопуларните бродвејски мјузикли досега, за прв пат и ексклузивно ќе биде одиграна пред македонската публика, во рамки на Таксират фестивалот.

samalot-za-web

Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилијираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимаров, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“ ја восхити и македонската публика. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.

Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27 ноември, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет и со ограничен број на билети. Билетите ќе бидат пуштени во продажба од петок (7 октомври), со цена од 1200 денари.

– Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката и овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓе кои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл. – изјавуваат од Proscenium Productions, кои стојат зад продукцијата на овој мјузикл.

Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди.

За време на скоро пет години театарски живот на Бродвеј, претставата е изведена повеќе од 1.500 пати, а ја погледнале повеќе од 2 милиони луѓе во 25 држави.

Мјузиклот изобилува со традиционален британски хумор и во препознатливиот Пајтоновски манир ја извртува реалноста на комичен и саркастичен начин, кој е невозможно да ве остави рамнодушен. По Бродвеј, мјузиклот беше исклучително успешен и во Велика Британија, Германија, Шпанија, Шведска, Чешка, Франција, Унгарија, Белгија, Канада, Мексико, Холандија, Јапонија, Јужна Кореја… Минатата година премиерно и со неверојатен успех беше изведен и во Белград, а во рамки на Таксират фестивал, конечно доаѓа и во Скопје.

Мјузиклот говори за легендарната потрага на кралот Артур по Светиот Грал, во кој Крал Артур е прикажан како весел и „блесав“ владетел, во својата авантура потпомогнат од страна на верниот слуга Петси и витезите на тркалезната маса, кои ги пронаоѓа во тоа патување. Питорескната потрага низ целото кралство е всушност жовијална авантура со мноштво урнебесни случувања, во кои невозможно е и да не се препознаеме, во време кога и самите живееме во своевидно Монти Пајтоновско секојдневие.

Приказната е базирана на книгата на Ерик Ајдл, оригиналниот член на групата Монти Пајтон, а која има своја основа во сценариото за филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“. Композитори на музиката се Џон Дупре и Ерик Ајдл.

Билетите за претставата на MONTY PYTHON’S SPAMALOT чинат 1200 денари, а можат да се набават во продажната мрежа на МкТикетс како и онлајн.