Taksirat-Site-01

Покрај веќе потврдените гостувања на KRAFTWERK и LORD OF THE DANCE, ТАКСИРАТ #20 со задоволство го најавува и концертот на  GOGOL BORDELLO, славниот џипси-панк бенд и еден од најимпресивните liveбендови на денешницата, кој на 29-ти мај гостува во Младински Културен Центар во Скопје, а во рамки на светската Seekers And Finders турнеја за истоимениот, нов албум.

Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Gogol Bordello ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Еуген Хуц, бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени. Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, сѐ додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го оформува бендот.

Во 1999-та година го објавуваат првиот албум „Voi-La Intruder“ кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос тапанарот на Nick Cave & The Bad Seeds. Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со Gogol Bordello на нејзиното режисерско деби, филмот „Filth and Wisdom“ во кој, покрај музиката, Еуген Хуц е задолжен и за главната улога.

Неповторливиот еклектичен бенд следната година гостува во Скопје промовирајќи го новиот албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник „Pura Vida Conspiracy“ (2013).

Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Еуген на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од глобалните суперѕвезди како Мадона, членовите на Gogol Bordello со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. Gogol Bordello е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје.

ТАКСИРАТ следната година го прославува своето јубилејно 20-то издание, во чии рамки со концертот на GOGOL BORDELLO македонската публика има загарантирана незаборавна вечер на 29-ти мај во МКЦ. Влезниците за овој концерт ќе бидат достапни преку продажната мрежа на МкТикетс, од четврток, 21-ви декември 2017 и тоа по првата најповолна цена.

И уште многу значајни настани ќе ја исполнат 20-ката на ТАКСИРАТ кои ќе бидат објавени наскоро. За 20 години алтернатива во Македонија: ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!

Related Projects