Најновиот проект на членовите на светски славниот бенд Morcheeba, пејачката Skye Edwards и гитаристот и половина од продуцентското дуо на групата Ross Godfrey го потврдија своето гостување во Скопје во рамки на 18-тото издание на ТАКСИРАТ фестивал. Тие заедно со останатите концертни членови на Morcheeba, басистот Steve Gordon, клавијатуристот Richard Milner и тапанарот Jaega Mckenna-Gordon ќе настапат во Младински Културен Центар, на 25 ноември. Skye и Ross овој нов проект го најавија годинава, започнувајќи ја и големaта светска турнеја „Skye and Ross from Morcheeba“ во чии рамки Скопје и Таксират имаат чест да бидат домаќини на овие извонредни музички уметници. Сет листата на нивниот концерт во Скопје ќе ги опфати сите големи хитови и најважни моменти од кариерата на Morcheeba која трае речиси две децении, но публиката воедно ќе има прилика да ужива и во песните од новиот албум.

„Тоа е она што го добивате кога Skye и јас правиме музика, но не го следиме буквално она што Morcheeba го работеше. Токму поради тоа ни се чинеше логично на сето ова да му дадеме и нов идентитет“, – вели Ross. Нивното најново издание се движи во свој посебен правец додека во исто време се враќа на корените и звукот кој Morcheeba ги направи светски познат бенд во ’90-тите години. И самиот проект произлегува од одлуката на овие музичари во 2014 година, да направат албум кој би бил поблизок до звукот на нивните настапи во живо, отколку до исполираните студиски снимки. Во тој момент, Paul Godfrey, братот на Ross и ко-продуцент на Morcheeba, веќе целосно беше фокусиран на продуцентската работа, откажувајќи се од концертните настапи. Но, SKYE | ROSS не го сигнифицира крајот на Morcheeba, туку повеќе прочистување на звукот, можност за двајцата музичари кои го претставуваа јавното лице на бендот да ја експлоатираат својата музичка поврзаност која се разви помеѓу нив надвор од студиото и токму на сцена, за време на настапите во живо ширум светот. „Нашите музички тенденции се навистина на исто рамниште“, заклучува Ross, „и кога еднаш ја имате таа синхронизација, тогаш сѐ останато си го наоѓа своето место.“

Новото име не значи дека тие се одрекуваат од старите песни бидејќи најголемите хитови на Morcheeba и понатаму се стожерот на нивните сетлисти. А тие почнуваат со „Trigger Hippy“, завршуваат со „Rome Wasn’t Bulit In A Day“, а помеѓу нив „The Sea“, „Blindfold“, „World Looking In“, „Otherwise“, „Blood Like Lemonade“ и многу други.

Инаку, Morcheeba е основана кон средината на ’90-тите години во време на големиот пробив на трип хоп музиката на светската сцена. Поради извонредната комбинација на различни музички влијанија, а особено благодарение на посебниот глас на пејачката Skye Edwards, Morcheeba ја стекна наклоноста на публиката уште со првиот албум „Who Can You Trust“. Популарноста на светската сцена пристигна со објавувањето на вториот албум, легендарниот „Big Calm“, кој оствари платинеста продажба ширум светот и од кои произлегоа дел од најголемите хитови на деведесеттите години како „Blindfold“ и „The Sea“.

Концертот на Morcheeba во Скопје ќе биде со строго ограничен капацитет, односно само 800 билети кои ќе бидат пуштени во продажба од среда (21 септември). Цените на билетите и продажните места ќе бидат наскоро објавени.

Related Projects