До главната вечер на ТАКСИРАТ фестивал остануваат уште речиси два месеци, а веќе е целосно распродаден првиот контингент влезници! Почетокот на продажбата на супер-промотивните влезници беше одбележан со досега незабележан интерес и рекордна распродажба на овие билети за само три дена! Она што дополнително радува пак, е податокот дека покрај домашната публика, македонското „ол-стар“ финале на ТАКСИРАТ го привелкува интересот и кај посетителите од соседните земји. Распродадените влезници се воедно и најголемата потврда дека публиката ја препознава иницијативата на ТАКСИРАТ фестивал, за прв пат од своето одржување главната вечер на фестивалот да ја посвети исклучиво на музичките уметници кои ја одбележаа современата македонска музичка сцена.

Поради огромниот интерес и по повод прославата на 18 години постоење на фестивалот, ТАКСИРАТ за своите посетители обезбеди и нов контингент билети за супер-промотивната акција, со што сите оние кои не успеаја да ги набават најповолните влезници за Таксират имаат уште една прилика да го сторат тоа. Но и за овие билети посетителите на Таксират треба да бидат навистина брзи, бидејќи втората количина на влезници по подарок цена од 500 денари се во строго ограничен број, а акцијата ќе трае само до 26-ти октомври (среда) или до истекот на залихите.

Покрај регуларните билети, во продажба се и галерија-билетите од 1000 денари, за сите оние кои главната вечер ќе сакаат да ја проследат од галеријата на Метрополис Арена. Сите билети за ТАКСИРАТ се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Главната вечер на ТАКСИРАТ годинава ќе се одржи како „Ол стар“ вечер со дел од најголемите македонски музички имиња во живо. Во знак на одбележување на 18 години од фестивалот и во непопуларно време за македонската музика која се соочува со тешки предизвици, ТАКСИРАТ со огромно задоволство, на големата бина во Метрополис Арена ќе ги претстави легендарните македонски музички уметници кои ги поставија темелите во музичкиот развој за сите следни генерации кај нас, со остварувања кои ги надминаа границите на земјава!

Прв пат досега, во иста вечер и на иста сцена, на 9-ти декември во Метрополис Арена ќе настапат:

АРХАНГЕЛ – легендарната рок група која со своите безвременски хитови, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија;

КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ – најголемиот македонски електронски артист кој со своите настапи веќе со години ја воодушевува Европа, а кој на ТАКСИРАТ ќе настапи заедно и со извонредната американска артистка ТК Вондер;

САНАТОРИУМ – најзначајната македонска треш метал група која на гостински терен се запиша како домаќин на легендите на светската метал сцена Soulfly, Motorhead, Slayer и други;

ФОЛТИН – една од најуникатните групи во современата музичка историја на Македонија која годинава одбележува 20 години постоење и

ЧИСТА ОКОЛИНА – рап-пионерите кои веќе 20 години уживаат култен статус кај целата андерграунд публика во Македонија, а без кои оваа вечер не би била комплетна!

Related Projects