1100x500

Победникот ќе го одбереме сите заедно на 26-ти ноември во МКЦ

На наша огромна радост, конкурсот на ЛУЗЕР ФЕСТ 2016 го одбележавме со навистина голем број на пријавени бендови за годинашното издание, повторно покажувајќи го големиот потенцијал на младата музичка сцена за која овој настан е ретка и драгоцена прилика! Во тоа име, пред сѐ изразуваме огромна благодарност до сите бендови и музичари кои ги испратија своите апликации за потенцијален настап на Лузер Фест и ни причинија задоволство да чуеме дел од нивните музички остварувања. Откако првиот финалист го избра публиката со онлајн гласање на интернет страницата на Таксират, заврши и селекцијата на останатите потенцијални победници на фестивалот. Вкупно осумте финалисти кои ќе настапат на Лузер Фест се веќе познати, а на 26-ти ноември во МКЦ заедно со публиката и жирито, ќе го одбереме победникот на годинашното издание, кој покрај тоа што ќе има прилика да го сними и објави својот прв албум, воедно ќе настапи и на главната вечер на ТАКСИРАТ фестивал!

Осумте финалисти на Лузер Фест се: CONTACT 59, FREAK UNIQUE, INKLINGZ, LINCOLN LETTER, МАРИНАЛЕДА, SHELL SHOCK, STRING ROAD и THE LOCAL BLUE.

Со овие имиња го затвораме првиот круг на Лузер Фест и ве очекуваме на финалето да ги поддржите младите бендови на кои вакви настани им се исклучително потребни и заедно да ја освежиме сцената со нови сили! Влезниците за Лузер Фест 2016 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари. Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации за овогодинешното издание на фестивалот, меѓу кои и изведувачите кои ќе настапат како гости на Лузер Фест.

И оваа година Лузер Фест, покрај тоа што ќе се одржи како предвесник на главната фестивалска вечер на Таксират, воедно ќе биде и затворање на годинашното издание на ПИН музичката конференција која ќе се одржи во МКЦ во Скопје, на 25-ти и 26-ти ноември. И тоа не случајно, бидејќи целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик пред сѐ за музичарите, меѓу кои и бендовите од Лузер Фест, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес.

Пред да ги запознаеме и чуеме финалистите во живо на Лузер Фест, како најава на она што нѐ очекува, само накратко ви ги претставуваме потенцијалните нови победници…

CONTACT 59 е млад бенд формиран пред само година дена, но кој постојано се надоградува и изнаоѓа правци во кои целосно би се дефинирал. Групата ја сочинуваат четворица членови кои свират фанки алтернативна музика, тежнеејќи по различна мелодија, која воедно ќе биде хармонична и инстинктивна.

FREAK UNIQUE е група која своите песни ги дефинира под жанрот алтернативен рок. До сега настапувале на неколку помали свирки низ скопските локали и овогодинешниот Пиволенд каде громогласните овации им беа најголем поттик за дополнително создавање на квалитетен рок. Нивната музикалност, младост и креативност, како и силната визија и поглед кон уметноста, се основа за издигнување на бендот на што повисоки скалила и успеси во иднина.

INKLINGZ е рап група составена од Lirikoven Piroman и Lux Kmala. Групата функционира од 2016 година и моментално го привршува својот прв албум, насловен – Tesseract. Inklingz негуваат сопствен звук и сопствен карактеристичен стил, изразен преку многубројни метафори, повеќесложени рими, игри на зборови и интелектуални ставови.

LINCOLN LETTER е бенд од Скопје, оформен во 2016 година. Влече влијанија од Queens of the Stone Age, делта блуз сцената, па сѐ до Hans Zimmer. Исполнет со млади музички таленти, Lincoln Letter се обидува да го најде своето место на современата музичка сцена, а токму влегувањето во финалето на Лузер Фест за нив ќе биде и прв позначаен настап како група.

МАРИНАЛЕДА е дружина од Ѓорче Петров, Скопје од која во 2014 година во услови на куќна гаража со персиски килим, гајба пиво, подарена гитара и зачудувачки добар сет тапани се формира групата. Длабоко инспирирани од парадоксите на денешното време и револтирани од глупавоста, ечат отворени акорди полни со искреност. Групата влече влијанија од Husker Du, Savages, Т.Б. Трачери, ХАХАХА, возење точак, кооперација и билијард.

SHELL SHOCK е треш метал состав од Источна Македонија (Струмица, Радовиш, Делчево) формиран во 2015 година. Нивната инспирација главно се темели врз делата на треш великаните Kreator и Testament. Бендот креира авторска музика и обработува теми од секојдневниот живот, човековата ароганција и неговиот суров однос кон природата.

STRING ROAD е бенд оформен пред 5 години за време на кои се сменија и неколку членови од составот. Зад себе имаат повеќе јавни настапи, заеднички, но и солистички. На почетоците уште во средношколските клупи, фокусот на групата беа обраборки на песни, но со тек на времето и нивниот пристап станува сериозен, започнувајќи да творат и авторска музика. Групата има влијание од повеќе жанрови и артисти, како Coldplay, Radiohead, Arctic Monkeys, Ed Sheeran, Foo Figthers, Muse…

THE LOCAL BLUE е млад бенд од Скопје, кој своето музичко творештво го класифицира во жанрот на блуз и стонер рок музиката. Станува збор за музичко трио во кое членуваат Кристијан Новковски – тапани, Владимир Бичковски – бас и Кристијан Савиќ – гитара.

Related Projects