По досега најголемото издание на Д ФЕСТИВАЛ и во ек на подготовките за 18-тото издание на ТАКСИРАТ, двата фестивали повторно се закитија со номинации за престижните Европски фестивалски награди! Како единствени претставници од Македонија, Таксират и Д Фестивал се заедно номинари во категоријата „Најдобар мал фестивал“ (Best Small Festival) во која влегуваат фестивалите со капацитет до 10.000 посетители дневно. Но покрај оваа, ТАКСИРАТ годинава влегува меѓу најдобрите фестивали во Европа со номинација уште и во категоријата „Најдобар фестивал во затворен простор“ (Best indoor festival)! Нашите фестивалски претставници се во борба за наградите во конкуренција со 52 фестивали од 17 земји во Европа, а Таксират во трката за Best Indoor Festival дополнително се натпреварува со уште 22 фестивали од 9 европски земји.

Европските фестивалски награди се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи европската енергична фестивалска сцена. Во повеќето од категориите, вклучувајќи ја и номинацијата на „Таксират“ и „Д Фестивал“, за наградите одлучува публиката, со онлајн гласање.

Повикот да ги поддржите Таксират и Д Фестивал во ова натпреварување е упатен и отворен за сите, а својот глас можете да го дадете на овој линк: http://eu.festivalawards.com/vote-now/ . Гласањето е отворено за јавноста од денес (четврток, 6-ти октомври) и ќе се спроведува сѐ до 31-ви октомври 2016, а сите кои гласаат автоматски учествуваат во наградната игра во која можат да освојат ВИП влезници за победничките фестивали! Десетте најдобри фестивали според публиката, за секоја категорија, ќе бидат објавени по затворањето на јавното гласање, а победниците ќе бидат прогласени на свечената церемонија која ќе се одржи во јануари 2017-та година во Гронинген, Холандија, на отворањето на конференцијата „Еуросоник Нордерслаг“ (Eurosonic Noorderslag).

Годинашното шесто издание на Д ФЕСТИВАЛ беше најголемото издание на фестивалот досега, по кое единствениот летен open-air фестивал во Македонија, влегува втор пат во трката за ова престижно признание.

ТАКСИРАТ пак годинава го подготвува своето 18-то издание кое ќе се одржува со повеќе настани од 13-ти ноември до 7-ми декември во Скопје. Атрактивноста на концептот и програмата на ТАКСИРАТ, како и реномето кое овој фестивал веќе со години го ужива особено во рамките на Југоисточна Европа, се причина ТАКСИРАТ осма година по ред да се најде меѓу најдобрите во Европа и тоа со две номинации.

Во рамки на 18-то издание на фестивалот, покрај главната вечер на ТАКСИРАТ, нѐ очекуваат и голем број на самостојни концертни настани, ексклузивни гостувања на светските музички легенди, одбележувања на повеќе музички јубилеи.., од кои досега се најавени:

13 ноември: Концерт на JEAN-MICHEL JARRE (Вип Арена „Борис Трајковски“, Скопје)
25 ноември: Концерт на Skye & Ross from MORCHEEBA (МКЦ, Скопје)
26 ноември: ЛУЗЕР ФЕСТ (МКЦ, Скопје)
27 ноември: Бродвејскиот мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ (МОБ, Скопје)
2 декември: 20 години SMUT (МКЦ, Скопје)
3 декември: Концерт на TUXEDOMOON (МКЦ, Скопје)

И тоа секако не е сѐ!
ТАКСИРАТ полни 18 години и наскоро објавува уште многу новости!

Related Projects