Почитувани поддржувачи на несубвенционираните идеи и македонски вредности, дојде нашето омилено време од годината кога со задоволство го најавуваме годинашното издание на Лузер Фест! Неколку дена пред главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ, на 26-ти ноември во МКЦ се враќаме и го создаваме најдругарскиот и најпозитивниот Лузер Фест!

По возобнувањето на овој драг дел од Таксират кој низ годините ги пречека и испрати напред бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата на Лузер Фест продолжува и на 18-иот ТАКСИРАТ. Минатата 2015-та година заедно со PLUTO’S DOUBTS, METANOIA, GARGOYLES, KEPURDHAT, BROOKA BAND, PRESEN ZRAK, ASTEROID, VIZIJA, PULS EKIPA, EX-YOU и гостите на фестивалот во преполното МКЦ се врати и освежи фестивалскиот дух на сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика.

И оваа година победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“, а покрај главната награда, ТАКСИРАТ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест“.

Жирито е веќе на кондициони подготовки, гласачките ливчиња за публиката се подготвени, а конкурсот за пријавување е отворен!

Одиме едноставно како и минатата година:
Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 20 октомври 2016 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 20 октомври 2016, треба да бидат испратени на и-мејл адресата: info@password.mk & shurbe@password.mk . Следете ги објавите на официјалната Фејсбук страна на Таксират, каде соодветно ќе бидат објавувани детали од правилата и наградите за победниците на Лузер Фест 2016.

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
* Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување

И годинава кризниот штаб со голема насмевка ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.
ВАС ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Related Projects