16-10-2017

ТАКСИРАТ“ годинава со задоволството го најавува четвртото издание на ПИН“ – единствената меѓународната музичка конференција и шоукејс фестивал во Македонија, кој ќе се одржува од 30 ноември до 2-ри декември во Младинскиот културен центар во Скопје. Покрај дневната панел-програма која ќе биде објавена наскоро, ноќите на ПИН и оваа година се резервирани за концертите на актуелните нови имиња на меѓународната музичка сцена, но и артистите кои музичката критика и музичките професионалци ги вбројуваат во најпотенцијалните нови хедлајнери на светските фестивали.

Од оваа листа изведувачи, во рамки на ПИН шоукејс фестивалот својот настап го потврди извонредниот хармоникаш МАРИО БАТКОВИЌ кој на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди кога е новата музика, односно современата класична музика во прашање. Виртуозниот МАРИО БАТКОВИЌ, родната Бања Лука ја напушта на почетокот на војната во Босна и Херцеговина и во Швајцарија ја започнува својата кариера која го одведе на некои од најзначајните сцени во Европа, а на 2-ри декември прв пат ќе настапи и пред македонската публика, во Младински Културен Центар во Скопје.

МАРИО БАТКОВИЌ го одликува целосно уникатен стил – експериментален и еклектичен, а покрај свирењето хармоника, тој е успешен композитор и автор за различни проекти, вклучувајќи и музика за филм и театар. Самиот Батковиќ вели дека жанровската поделба на музиката не го интересира, додека низ сопствените композиции ги истражува крајните граници на својот инструмент. Негов близок соработник е Geoff Barrow продуцентот и член на славната група Portishead, за чија издавачка куќа Invada Records годинава Батковиќ го објави својот самостоен албум и настапуваше на престижните фестивали ATP, Montreux Jazz и Le Guess Who?.

Критиката вели дека овој уметник носи цело царство од звуци кои настануваат кога би ги споиле Филип Глас и Вивалди. Батковиќ користи традиционални ритми и хармонии кои ги разбива со неконвенционални звуци. Неговата изведба е импресивна, а во исто време таа е моќна и исклучително нежна, меѓутоа во секој момент подеднакво виртуозна.

Неговите изведби и се обраќаат на публиката на повеќе нивоа, без ниту еден збор раскажуваат прекрасни приказни и ја запознаваат публиката со звук на хармониката каков што никогаш претходно не чуле. Еден од критичарите пишува: „Музиката на Марио Батковиќ ме потсетува зошто се вљубив во музиката. Тоа е музика дестилирана во чиста есенцијалност!

На „ПИН“ конференцијата со интензивна панел-програма, голем број на гости, експерти од европската музичка индустрија и музички концерти, продолжува започнатата иницијатива за актуелизирање и развој на музичката сцена кај нас. Годинава заедно и со нашите пријатели од фестивалот за електронска музика DESONANZ, за време на ПИН повторно го трасираме Скопје како европски епицентар за размена на напредни идеи и знаења од областа на музичката индустрија, музичката уметност и културата. Покрај МАРИО БАТКОВИЌ на ПИН шоукејс фестивалот веќе е најавен и концертот на експерименталниот андергарунд арт-рок бенд LIARS на 30-ти ноември, со кој официјално ќе започне програмата на 19-тото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ во чии рамки нѐ очекуваат десетина дена исполнети со многу и различни музички настани!

Наскоро ќе бидат објавени информациите за билетите за концертната програма на ПИН, додека пак присуството на панел-програмата на ПИН конференцијата е бесплатно за сите посетители, но со задолжително претходно регистрирање на своето присуство на овој линк.