16-10-2016

ТАКСИРАТ го претставува и новото издание на ПИН музичката конференција која годинава ќе се одржи на 25-ти и 26-ти ноември во Младински Културен Центар во Скопје. Ова е трето издание на единствената меѓународна музичка конференција во Македонија, која се организира по примерот и во соработка со водечките европски конференции, како повеќедневен европски саем на музичките креативци. Годинава, програмската фокус-земја на ПИН е Словенија, па во рамки на случувањата за време на конференцијата, посебен дел ќе биде посветен на гостите, музичките искуства и музичарите од Словенија кои на наше огромно задоволство ќе бидат претставени во соработка со љубљанскиот МЕНТ фестивал. Како специјален гостин, МЕНТ фестивал на ПИН конференција ги претставува новите музички сили на Словенија, а трите музички имиња во нивна селекција и за чии настапи на ПИН тие велат дека не смеете да пропуштите се: KOALA VOICE, ČAO PORTOROŽ и BLAŽ.

KOALA VOICE се четири клинци од најиндустрискиот дел во Словенија. Со нивното свежо комбинирање на инди музиката со рок и поп звукот од ’70-тите, ги освоија срцата и гласовите на словенечкиот натпревар на средношколските бендови во 2014 година. Иако тукушто завршија училиште, работите се развиваат многу брзо за младиот бенд, со договори за издавање, многу концерти и фестивалски настапи како оние на EXIT, Eurosonic, Tallinn Music Week, Wild Mint во Русија, Reeperbahn, Waves Vienna, Waves Bratislava и други низ Европа. Во моментов тие работат на својот втор албум и со сигурност дел од овој материјал ќе претстават на сцена, онаму каде што всушност се најдобри. (видео линк)

ČAO PORTOROŽ не сакаат долги претставувања. И нивните песни го рефлектираат тоа. Моќни и концизни вињети, каде што панк и инди гитарскиот рок се преплетува со поп форми. Може да ги опишете како трибјут од една страна на алтернативниот рок од ’90-тите и новиот бран на југословенскиот рок, од друга страна. Нивната музика говори „глобален“ јазик, пеејќи некогаш на српски, друг пат на словенечки или француски. Во секој случај, нивните перформанси се чист наплив на привлечни мелодии и дисторзирани рифови. Čao Portorož вежбаат во петок. Растураат на сцена секој друг ден. (видео линк)

BLAŽ е продуцент без класични компјутерски ограничувања. На почетокот познат како талентиран млад хип хоп продуцент – под неговиот псевдоним Dpek, а подоцна „се врати“ со неговото вистинско име. Овој пат претставувајќи еклектичен пристап кон електронската музика, продуцирајќи диви стории кои се трансформираат од хип-хоп до амбиентал, од возбудливи мелодии до експериментален глич. Неговиот втор албум „Don’t Listen To This“ објавен во март, го покажува неговиот музички вариетет кој секогаш се претвора во луд live перформанс. (видео линк)

Покрај гостите од Словенија, во рамки на ПИН ќе бидат претставени концертни настапни на нови музички таленти од повеќе земји, а финале на овие два дена ќе биде годинашното издание на ЛУЗЕР ФЕСТ, вечерта на 26-ти ноември, со што и ќе биде затворена музичката конференција, а најавено последното одбројување до финалната концертна програма на ТАКСИРАТ 18. Во тој контекст, ПИН конференцијата ќе послужи како база за вмрежување на музичките професионалци и работници, промоција на артистичките вредности и проширување на клутурната размена меѓу регионите.

Благодарение на ПИН, Скопје за време на овие денови се претвора во збирно место на стотици музичките креативци од Европа, вклучувајќи музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, здруженија, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани. Со својата интензивна панел-програма, стотици гости и десетици „шоукејс“ концерти, Таксират со уникатниот музички собир ПИН, претставува своевиден фестивал во фестивал.

Учеството на ПИН конференцијата ќе биде бесплатно за сите посетители од Македонија, но со задолжителна претходна регистрација. Деталите за начинот на регистрирање, како и останатите новости од програмата и гостите на ПИН ќе бидат наскоро објавени.