1100x50012

По големото отворање со спектакуларниот концерт на легендарниот Жан-Мишел Жар, програмата на ТАКСИРАТ 18 продолжува викендов со новото, трето издание на ПИН музичката конференција. ПИН меѓународната музичка конференција е прва од ваков вид во Македонија, а годинава ќе се одржи на 25-ти и 26-ти ноември во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Програмата на ПИН 2016 е веќе комплетирана, а дводневното дружење во име на музиката е отворено за сите посетители и со бесплатен влез, за што, поради ограничениот капацитет доволно е само претходно да го регистрирате своето присуство на овој линк или на и-мејл адресата info@password.mk .

Годинава, конференцијата ќе биде домаќин на повеќе од 40 говорници и презентери од Македонија, Балканот и Европа. Во вечерните часови за време на овие два дена, нѐ очекуваат бесплатните концерти на PROJECT ORPHEUS од Македонија, KOALA VOICE, ČAO PORTOROŽ и BLAŽ од Словенија, WALTER SCHNITZELSSON од Словачка и WEINHOLD од Германија, како и трите музички настани од програмата на ТАКСИРАТ: Skye & Ross from MORCHEEBA, The ADVENT и годинашното издание на ЛУЗЕР ФЕСТ!

Темите за кои заедно ќе дискутираме ги опфаќаат македонската музичка сцена, поврзаноста на музиката и политиката, авторските права, „направи сам“ пристапот, букирањето на артисти, музичките фестивали, дигиталниот маркетинг и други музички трендови во Македонија, но и многу пошироко. За прв пат кај нас, ПИН конференцијата на ова издание ја покренува и иницијативата за поврзување на фестивалските промотери од земјава, со цел за формирање на здружение на музичките фестивали со културна димензија.

Во гостите на конференцијата годинава се запишуваат повеќе значајни имиња од Македонија, но и голем број на странски учесници, пред сѐ од Словенија – земја во фокусот на ПИН 2016, но и Велика Британија, Германија, Франција, Унгарија, Словачка, Грција, Србија, Хрватска, Косово и други. Меѓу странските експерти годинава имаме претставници на дел од најголемите фестивали и конференции во Европа како Glastonbury, Outlook, Dimensions, Pohoda, Exit, Waves Bratislava, Ment и други, но и значајни и актуелни имиња од областа на политиката, медиумите, маркетингот, образованието и тн., а кои се воедно активни во областа на музичката и културната промоција. Еден таков пример е Петрит Селими, косовскиот министер за надворешни работи, кој е воедно искусен и како консултант во полето на културниот менаџмет, односи со јавност и медиуми, а ги има организирано и концертите на 50 Cent, Manu Chao, Morcheeba, Buena Vista Social Club и други.

Со неверојатно богата програма, овој дводневен настан во фокусот ги става темите поврзани со музиката, музичката продукција, културните правци, алтернативната култура, медиумите и слични актуелни теми од музичката сцена. Главната цел на конференцијата е да внесе свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да поттикне промени и дијалог помеѓу сите засегнати страни, помеѓу оние кои сакаат да бидат дел од неа и оние кои знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да потпомогне размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓе кои работат и творат во полето на музиката и уметноста.

Учеството на конференцијата е без котизација, но со претходна регистрација на следниов линк: http://pinconference.mk/en/registration_form/

Повеќе информации за темите и говорниците, како и за целата програма може да погледнете на: www.pinconference.mk

Придружете ни се во ова дводневно дружење за поддршка на македонската музичка сцена, помогнете вистински да ја промовираме и да започнеме нова успешна традиција!

Related Projects