morcheeba-1100x500

Меѓу настаните кои ќе го одбележат 18-тото издание на ТАКСИРАТ Фестивал е и концертот на Skye & Ross – членовите на светски славниот бенд MORCHEEBA! Со својот најнов проект тие ќе настапат во Скопје на 25-ти ноември, а билетите за овој концерт се веќе ЦЕЛОСНО РАСПРОДАДЕНИ! Пејачката Skye Edwards и гитаристот и половина од продуцентското дуо на групата, Ross Godfrey ќе настапат во Денсинг Сала во МКЦ, заедно со останатите концертни членови на Morcheeba, басистот Steve Gordon, клавијатуристот Richard Milner и тапанарот Jaega Mckenna-Gordon. Својот нов проект тие го најавија годинава, започнувајќи ја и големaта светска турнеја „Skye and Ross from Morcheeba“ во чии рамки Скопје и Таксират имаат чест да бидат домаќини на овие извонредни музички уметници. Сет листата на нивниот концерт во Скопје ќе ги опфати сите големи хитови и најважни моменти од кариерата на Morcheeba која трае речиси две децении, но публиката воедно ќе има прилика да ужива и во песните од новиот албум.

Покрај концертот на Skye & Ross (MORCHEEBA), во рамки на годинашното издание на ТАКСИРАТ ќе се одржат повеќе настани кои исто така привлекуваат огромен интерес кај публиката. За само неколку дена нѐ очекува официјалното отворање на ТАКСИРАТ и тоа со концертот на легендарниот ЖАН-МИШЕЛ ЖАР кој ќе се одржи на 13-ти ноември (недела) во Вип Арена „Борис Трајковски“! Пионерот на електронската музика прв пат ќе настапи во Македонија и ќе го одбележи отворањето на 18-тиот ТАКСИРАТ со спектакуларното аудио-визуелно шоу од големата светска турнеја „Електроника“! Поради огромниот интерес и брзото распродавање на фан-пит и партер билетите, првобитниот капацитет на овие сектори од арената беше проширен со уште мал број влезници. За ова единствено концертно доживување кај нас, вкупно се останати уште помалку од 1.000 билети достапни преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Започнувајќи со ексклузивниот и единствен концерт на Жан-Мишел Жар во регионот, програмата на Фестивалот ќе се протега сѐ до 9-ти декември кога во Метрополис Арена ќе се одржи финалната вечер на ТАКСИРАТ со настапите на гигантите на македонскиот современ звук АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА.

Во меѓувреме, Скопје ќе биде главното збирно место на таксиратлии и во рамки на останатите настани на ТАКСИРАТ:
25-26 ноември: ПИН музичка конференција
25 ноември: Skye | Ross from MORCHEEBA
26 ноември: ЛУЗЕР ФЕСТ
27-28 ноември: МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ
2 декември: 20 години SMUT
3 декември: TUXEDOMOON

Билетите за сите настани на Таксират Фестивал се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс.

Преврти го Скопје наопаку!

Related Projects