1100x500-bus

Во петок (9-ти декември), во Метрополис Арена во Скопје ќе се одржи главната вечер на ТАКСИРАТ, а Фестивалот за сите свои посетители обезбеди бесплатен јавен градски превоз! Оваа поволност за посетителите на Фестивалот, реализирана со поддршка на ЈСП, ги промовира и позитивните вредности на ТАКСИРАТ, апелот за безбедно учество во сообраќајот и одговорно конзумирање алкохол. За време на одржувањето на настанот, односно на 9-ти декември и на 10-ти декември до пладне, сите посетители на ТАКСИРАТ добиваат бесплатен превоз со автобусите на ЈСП, за што доволно е само да го приложат билетот за ТАКСИРАТ и безгрижно да уживаат во големото финале со кое ќе биде одбележано затворањето на 18-тиот ТАКСИРАТ.

„Таксиратлии“ можат целосно да се препуштат на големата забава која нѐ очекува со целовечерното славење на македонската музика и настапите на гигантите на современиот домашен звук АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН, ЧИСТА ОКОЛИНА, како и победниците на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59. Бесплатниот превоз за ТАКСИРАТ важи за сите автобуски линии на ЈСП.

СЛУШНИ ЈА ХИМНАТА НА ТАКСИРАТ – „ПОУЧНА“!
Таксират во пресрет на финалната вечер доби и своја химна, насловена „Поучна“ – бесценет подарок од вкупно 14 македонски музичари кои по овој повод се здружија во „ол-стар“ колективот КАМАРАД. Музиката, текстот и аранжманот на песната ги напиша РИСТО ВРТЕВ од АРХАНГЕЛ, а покрај него во КАМАРД се придружија: КОНСТАНТИН КАЧЕВ – акустична и електрична гитара (САНАТОРИУМ); БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ – придружни вокали, ракоплескање (ФОЛТИН); ПЕЦЕ ТРАЈКОВСКИ – перкусии, ракоплескање (ФОЛТИН); ЈАНЕ ТРАЈКОВСКИ – труба, флугел хорна (Rib, СИЗ, JUNE, ex Denny te Chuva); ГОЦЕ СТЕВКОВСКИ – тапани (Архангел, Goce Stevkovski Septet); ПРЕДРАГ ИКОНОМОВСКИ – акустична и електрична гитара (АРХАНГЕЛ, La Colonie Volvox); ПЕРО СТЕФАНОВСКИ – акустична гитара (САНАТОРИУМ); ДАРКО МУЧЕВ – ракоплескање (АРХАНГЕЛ); ГОЦЕ ЈОВАНОСКИ – бас гитара (ФОЛТИНА); ПЕЦЕ НИКОЛОВСКИ – усна хармоника, ракоплескање (ФОЛТИН); СЛАВЧО ЈОВЕВ – ракоплескање (ФОЛТИН) и ВЛАТКО КРСТЕВ – виолина (Македонска Филхармонија, Кирил Џајковски бенд). Композицијата е снимена во студиото „Алшар“ и во продукција на ИВИЦА ЈАНКУЛОВСКИ.

Таксират химна: „ПОУЧНА“ – Камарад (со стихови):

НОВ РЕКОРД НА НАЈПОСЕТУВАНИОТ ФЕСТИВАЛ ВО МАКЕДОНИЈА!
ТАКСИРАТ годинава е изгласан од страна на фестивалската публика во Европа за еден од најдобрите европски фестивали во рамки на European Festival Awards, најпрестижното меѓународно фестивалско признание каде ТАКСИРАТ е во друштво на 10-те најдобри фестивали во категоријата „Best Indoor Festival“! Ова е уште еден повод за прослава на 9-ти декември заедно со публиката на ТАКСИРАТ, најзаслужна за овој извонреден успех.

Имено, ТАКСИРАТ годинава започна на 13-ти ноември со спектакуларниот концерт на легендарниот Жан-Мишел Жар, а по големиот број различни настани и речиси точно еден месец од отворањето, на 9-ти декември ТАКСИРАТ ја пречекува својата публика на главната фестивалска вечер, со која веќе е сигурно дека 18-тото издание на најпосетуваниот фестивал кај нас ќе го надмине рекордот со повеќе од 20.000 посетители.

Билетите за ТАКСИРАТ се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс, а нивната цена е 650 денари во претпродажба. На денот на настанот, во петок влезниците ќе се продаваат по цена од 800 денари на билетарницата на Метрополис Арена.

Таксират полни 18 години!
Преврти го Скопје наопаку!

Related Projects