14-10-2016

Легендарната американска арт-рок група, TUXEDOMOON на 3-ти декември ќе одржи концерт во Младински Културен Центар во Скопје! На овој концерт во рамки на ТАКСИРАТ, гигантите на анвангардната поп музика, ексклузивно и прв пат во целост ќе го изведат својот славен прв албум „Half-Mute“, по повод 35-годишницата на ова, нивно најпознато издание.

„Half-Mute“ е плочата која во 1980-та година ги промени тековите на популарната музика, внесувајќи во неа авангардни тенденции. Tuxedomoon пак, се едно од најголемите имиња на новиот бран кој се појави кон крајот на ’70-тите години и американскиот состав кој, покрај The Residents, беше во жариштето на пост-панк естетиката во уметничкиот андерграунд.

Издавачката куќа која се потпишуваше зад нивните изданија, „Ralph Records“, претставуваше дом на една аудио мини-револуција, која постави нови стандарди кога се во прашање нонконформистичката креација и пристап кон поп песните, во кои беше дозволено комбинирање на различните жанрови: од џез, преку кабаре до психоделичен рок и слободна употреба на електрониката.

Tuxedomoon воедно беа и останаа пионери во мултимедијалните настапи и меѓу првите започнаа креативно да ги вкрстуваат видео проекциите со концертните настапи.

Нивните подоцнежни албуми исто така се сметаат за класици: „Desire“ внесе денс елементи во нивната музика, со што го направи бендот уште покомуникативен, а трилогијата „Holy Wars“, „Ship Of Fools“ и „You“ од средината на ’80-тите, дефинитивно го зацврсти нивниот статус на лидери во арт-рок звукот и им обезбеди место во музичките енциклопедии.

Во 2004 година се вратија со нов креативен триумф со албумот „Cabin In The Sky“ 2004, кој на најдобар можен начин го претстави бендот пред новата публика, израсната на дигиталниот звук.

Стожерот во составот на групата, оформена во 1978-ма година сѐ уште го чинат Стивен Браун, Блејн Л. Реинингер и Питер Принсипл, секој за себе единствена уметничка личност и виртуоз на својот инструмент.

Групата е оформена во Сан Франциско и на своите почетоци беше врзана за калифорниската сцена, но во текот на кариерата повеќе пати ја менуваше локацијата, се селеше во Европа и назад во С.А.Д., со што, исто така беше меѓу првите, кои прерасна во глобален бенд, со членови на групата низ целиот свет.

1980: Tuxedomoon го објавија својот прв албум Half-Mute, со кој групата од Сан Франциско веднаш се етаблира како еден од водечките авангардни поп бендови.
2016: По 36 години, десетици изданија и стотици одржани концерти, оригиналните членови на Tuxedomoon се собираат во името на Half-Mute и музиката од овој култен албум ја изведуваат во серијал од ексклузивни шоуа ширум светот.

Влезниците за концертот во Скопје во рамки на Таксират Фестивал ќе бидат пуштени во продажба во петок (7-ми октомври), а наскоро ќе бидат објавени сите информации за цените и продажните места.